„МАКЕДОНИЈА, НАШ ДОМ“

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ МАЛЦИНСТВА

По повод празнувањето на 10 Декември, меѓународниот Ден на човековите права и слободи, Агенцијата за остварување

на правата на заедниците (АОПЗ), во соработка со мисијата на ОБСЕ во Скопје, и оваа година  организираше мултикултурна

манифестација „Македонија, наш дом“, која се одржа на 11 декември на сцената на  Театарот

„Комедија“ во Скопје. Настанот кој  го посетија околу 300 гости, меѓу кои и високи претставници од институциите

на Република Македонија и од дипломатските претставништва,  имаше ревијален карактер и им овозможи на претставниците

на сите етнички заедници кои живеат и творат во Република Македонија,  со својот настап најавтентично и

професионално да го претстават културното, фолклорното и  историското богатство на заедницата на која  i припаѓаат.

„Почитувањето на правото едно лице да припаѓа на национално малцинство претставува неодвоен дел од универзарлните

човекови права“, изјави неговата екселенција, амбасадорот на мисијата ОБСЕ во Скопје, г. Ралф Брет.

Тој исто така во своето пригодно обраќање истакна  дека  „ОБСЕ, во своите документи и политички заложби ги содржи

главните фактори за мир, правда, стабилност и демократија за секое општество. Како организација за безбедност,

наша примарна цел во овие напори е да се обезбеди сигурност и демократски развој: ова може да се постигне само

преку почитување на различноста и активната соработка.“

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Весна Бабиќ Петровски, посочи дека оваа манифестација

претставува уникатна можност сите заедници да го промовираат своето културно наследство, нивната уметничка креативност и богатото вековно творештво од овие простори.

„Голем број од денешните учесници ја немале таа можност да настапуваат пред волку голема публика; повеќето биле вклучени

во културниот живот само во заедницата на која ѝ припаѓаат, како важен сегмент за зачувување на нивната традиција и нивниот

етнички идентитет. Наша цел, денес, е да ги прославиме и да ги издигнеме  заедничките вредности на сите заедници,

сплотеноста и културната разноликост, како главни обележја на едно мултикултурно општество како што е македонското“,

истакна во своето обраќање директорката на Агенцијата.

Домаќини-водители на годинешната манифестација беше искусното дуо од претходната година: долгодишниот радиоводител

Реџеп Балиќ-Реџо и мултиталентираната актерка Снежана Коневска-Руси, кои на пригоден и инспиративен начин ги најавија единаесетте настапувачи. Нивните возбудени реакции не можеа

да се сокријат при настапот на учесниците. Разноликоста на учесниците беше токму тоа што го разубави овој културен

каледиоскоп, па така на сцената имаше различни фолклорни ансамбли, вокални ансамбли, хористи, солисти, па дури и еден

оркестар – инструменталисти. Дел од нив беа почетници, а дел со повеќедецениско постоење, дел беа јуниори,

а дел веќе искусни сениори. Честа да ја отвори манифестацијата ја имаше влашката пеачка група „Грамостеањ“ од Скопје.

Нивната интерпретација на стари изворни влашки песни во акапела, онака како тоа што га правеле нивните предци,

без инструменти, е единствена од таков вид во Македонија.

Веднаш потоа настапија јуниорите на „Каршиака“, едно од најстарите културно-уметнички друштва кои ја негуваат албанската култура од овој регион. Малите дечиња со црвени шамивчиња ги претставија

добро познатата албанска шота, женските игри, игрите од Скопскиот регион и  ја расположија публиката.

Под водство на чесната сестра Татјана Атанасова на сцената се појави хорот при Католичката црква „Пресвето срце Исусово“,

составен од членови од хрватската заедница која живее во Р. Македонија. Нивниот настап се состоеше од комбинација од духовни

песни и поезијата на Љерка Тот Наумова и Јадранка Чадиновска. Нивниот настап се заврши со песната „Чирибири бела Маре“,

која ја одведе публиката за миг некаде во преубавата Далмација.Рускиот женски хор „Славјанка“ ја внесе целата публика во

руските сказни преку нивните волшебни гласови и колоритните сарафани, завршувајќи го својот перформанс со најпознатата

„Калинка“. Театарот „загрми“ кога на сцената запеа младата талентирана кумановка, Гордана Кузмановска, која го започна

настапот на КУД „Српски вез“. Нивните песни и игри од Србија го радвижија секој присутен во салата.

Бошњачката заедница ја претстави КУД „Љиљан“ од Скопје, каде што најмладите членови облечени во традиционална

бошњачка носија ги разиграа игрите од Босна.Од Струга настапија две групи. Првата беше Здружението на Еѓипјаните од Струга,

кои ни го преставија нивното традиционално оро „Бајрачето“, додека, пак, од торбешката заедница се престави Фуат Исаковски

и неговиот оркестар.Најискусните ансамбли настапија пред самиот крај на манифестацијата.

Најпрвин од Тетово настапи едно од најстарите културно-уметнички друштва од турската заедница „Јени Хајат“,

формирано дури во далечната 1951 година, играјќи го добро познатото

турско оро „Фајтонлар“.Ансамблот за народни песни и ора „Кочо Рацин“, кој постои уште од 1946 година, нивното огромно

искуство го претстави преку игрите и песните од Егејска Македонија. Бидејќи крајот делото го краси, како завршна точка на овој

спектар на различности настапи ромската труба на оркестарот на Кемал Асанов. Разигрувајќи го целиот театар преку познатите

ромски хитови изведени во една џезваријанта, а главната еуфорија се создаде со последната точка на оркестарот,

кои со своите труби ја одушевија публиката изведувајќи ја „Smooth criminal“ на кралот на поп-музиката Мајкл Џексон.

Покрај сите други активности со кои традиционлно се одбележува 10 Декември меѓународниот ден на човековите права и слободи,

овој мултиетнички и мултикуртурален настап на заедниците кои живеат во Република Македонија ќе остане запаметен како  специфично, уникатно и посебно доживување за сите присутни гости.