БОШЊАЧКА ЗАЕДНИЦА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бошњаците се јужнословенски народ, кој во најголемиот дел живее на територијата на Босна и Херцеговина, на подрачјето на Санџак во Србија и Црна Гора, во Република Турција, како и во останатите држави кои што настанаа по распадот на бившата југословенска федерација. Водат потекло од средовековните Словени кои што ја населиле тогашна Босна, а се нарекле Бошњани. Со доаќањето на Османилската империја Бошњаците масовно го прифатиле исламот. Бошњаците го говорат босанскиот јазик, а се користат со латиничното и кириличното писмо.

 

Изворното име на Бошњаците потекнува од латинскиот збор Боснесис кој првобитно означувал припадник на територијата, а подоцна припадник на народ и жител на државата Босна, кој говорел босански јазик. Во почетоците на османлиското владеење доаѓа до промени во босанскиот јазик, така што повеќе се употребуваат народните имиња на ак како Пољак, Словак а со самото тоа и зборот Бошњак. Со стабилизацијата на османлиската власт, зборот Бошњак во потполност го заменува средовековното име Бошњанин. Зборовите како Бошњак-кавми и Бошњак –миллети го означуваа припадникот на бошњачкиот народ односно потомците на средовековните Бошњани.

 

Босанскиот јазик, како термин прв пат се спомнува во 1300-та година во делото “Сказание изиавлено о писменах”, напишано од византискиот патописец Константин Филозоф. Бошњаците и босанскиот јазик особено се експонирани во времето на Османлиската империја. Тогаш покрај османлискиот и арапскиот, и босанскиот јазик станува еден од службените јазици. Како потврда на ова е првиот босанско-турски речник од Мехмет Ускуфије (1631) напишан во овој период.

За јазикот на Бошњаците говори и македонскиот преродбеник Горгија Пулевски (1838-1894/95) во својот труд “Речник од три јазика”, каде забележува дека славјанскиот јазик има пет дијалекти, а тие се: руски, хрватски, бошњачки, бугарски и македонски.

Крајот на XIX и почетокот на XX век за Бошњаците е најтешкиот период во нивната историја, период кога под присила ги напуштаат своите домови, а националното чувство и босанскиот јазик се забрануваат и оспоруваат.

 

Со одлуките на Берлинскиот конгрес од 1878 година, Босна е окупирана од страна на Австроунгарија, а Османлиската Империја е принудена да се повлече.

 

Повлекувањето на Турците е причина за мухаџирската криза и раселувањето на Бошњаците од територијата на Босна и Херцеговина и Новопазарскиот Санџак.

На територијата на Република Македонија, најголем број на Бошњаци од Новопазарскиот Санџак и Босна и Херцеговина се доселува за време на вториот бран на напуштање на своите огништа кои што се случуваат во 50-тите и 60-тите години на минатиот век.

Иако Македонија ја сметале како попатна дестинација на патот кон Турција, голем дел од Бошњаците останале, остварувајќи го правото на вработување и школување на сите степени во образовниот систем.

 

Македонија, како нивна погодна дестинација, се вбројува меѓу ретките балкански джави ви која не биле негирани името и националното битие на Бошњаците. Воедно, тоа е и единствената држава каде што Бошњаците (со своите представници во власта) заедно со останатите граѓани ја превземаат одговорноста за сегашноста и иднината на самостојна и суверена Македонија.

 

Според официјалните статистички податоци од последниот попис на населението од 2002,  денес во Република Македонија живеат 17.018 Бошњаци.

Бошњаците во Република Македонија живеат по целата територија на земјата, но најмногу се сконцентрирани во следните општини:

  • Скопје (Чаир, Бутел, Центар, Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Газибаба)
  • Општина Сарај (с. Љубин)
  • Општина Студеничани (с.Батинци)
  • Општина Петровец (с.Долно Коњаре, Средно Коњаре, Чифлик, Чојлије, населба Петровец)
  • Општина Велес ( с.Лажани, Житоше, Десово, Борино, Јакреново, Саздево)
  • Општина Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Приле
  • Со измена на законот за празниците на Република Македонија, на 8. Фебруари 2007 година во Собранието на Р.Македонија, 28. Септември ( Денот  кога претставниците на Бошњачкиот народ на вториот бошњачки сабор во Сараево го вратија своето национално име Бошњак) е прогласен за Меѓународен ден на Бошњаците како празник за припадниците на бошњачката заедница во Р.М. Овој ден е неработен ден за Бошњаците во Р.М.

    На 16.11.2001 година во Собранието на Р.М. усвоен е амандманот IV од Уставот на Република Македонија со кој се предвидува учеството на Бошњаците во преамбулата на Уставот на Р.М рамноправно со останатите етнички заедници, и со тоа Бошњачкиот народ и официјално стана конститутивен елемент, составен и неразделен дел на македонското мултиетничко општество.

    Правото на образовани на мајчин јазик, учениците Бошњаци досега го реализираа преку изучување на изборниот предмет: Јазик и култура на Бошњаците, меѓутоа од наредната година ќе се изведува настава на босански јазик од I-IX  одделение по сите наставни предмети во ОУ “Дитурија – с. Љубин, ОУ “Рајко Жинзифов” – с. Оризари и ОУ “Алија Авдовиќ” – с. Батинци.

    Од областа на културата, за прв пат оваа година од страна на Министерството за Култура на Република Македонија одобрени се два проекта:

     

    1. Првиот проект е од областа на заштита на културното наследство поднесен од страна на БЕКА центарот (здружение на граѓани за проектирање, едукација и развој на културата на Бошњаците во Македонија), а се однесува на Реставрацијата на Турбето Крал К’зи – односно остатоците на турбето, кое што се наоѓа на источната падина на населбата Газибаба, во непосредна близина на природно-математичкиот факултет. Турбето било во состав на познатите муслимански гробишта, кои што биле лоцирани на ова брдо. Според податоците на Глиша Елезовиќ, во ова турбе била погребана Катерина, ќерката на последниот босански крал Стефан Томашевиќ. Од истите извори се дознава дека таа со својот брат Зигмунд била заробена при завземањето на Босна од страна на Османлиите, по што ја примиле исламската вера. Катерина живеела во Скопје каде и што починала. Според тоа се претпоставува дека турбето било изградено кон крајот на 15. или почетокот на 16. век.
    2.  

    3. Вториот проект е од областа на музиката и музичко-сценските дејности (фестивали и манифестации), поднесен од страна на невладината организација “Средби на Бошњаците во Македонија”- традиционална манифестација, која што се одржува веќе 32 години по ред во с. Оризари – општина Велес. Манифестацијата опфаќа спортски активности (турнири во мал футбал, кошарка, фрлање на камен од рамо, влечење на јаже), литература, ликовна уметност, едукативни трибини, фолклор, фестивал на изведувачи аматери, тефериџ.

    Правото на информирање на својот мајчин јазик, преку електронските и печатените медиуми, до сега единствено квалитетно се реализира преку Редакцијата на босански јазик при МТВ – “СЕХАРА”. Емисиите на босански јазик се емитуваат три пати неделно по 30 минути и еднаш месечно од по 60 минути.

     

    Претставник на бошњачкиот народ во Собранието на Р.М и во власта е претседателот на Странката за демократската акција на Македонија, Авдија Пепиќ, дипломиран економист. Од 2006 до 2008 бил директор на Агенцијата за поддршка на претпиемништвото, а од 2008 е пратеник во Собранието на Република Македонија.