Денеска во просториите на Агенцијата за остварување на правата на заедниците под 20% се одржа работен состанок со преставници на повеќе невладини организации на Бошњаците во Република Македонија.

 

Новиот в.д. директор Илхан Рахман и в.д. заменикот-директор Џелал Хоџиќ ги запознаа присутните со работата на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), како и нивната заложба да се подигне видливоста на проблемите на заедниците во општеството.

 

Претставниците на невладините организации зборуваа за проблемите на бошњачката заедница во остварувањето на правата, кои им следуваат според Уставот и законите на Република Македонија. Се зборуваше за проблемите со правичната застапеност на Бошњаците во институциите на државата, како и проблемите во оставрувањето на правото на  образованието на босански јазик. Се укажа и на потребата да се зајакнат капацитетите на граѓанскиот сектор кој работи на остварување на правата и промовирање на културата на заедниците. Беше спомната и потребата за подобар квалитет на програмата на босански јазик, која ја емитува МТВ, како и потребата за подобра промоција на културата на Бошњаците во Република Македонија. Директорите на АОПЗ искажаа спремност во име на институцијата да работат на заеднички проекти со невладините организации, за промовирање на правата на заедниците, како и во отстранувањето на пречките за остварување на нивните права.

 

Како спрецифичен проблем, за кој невладините организации побараа итно решение, посебно беше истакнат проблемот на погрешно именување на мајчиниот јазик на бошњачката заедница во дел од институциите. Мајчин јазик на бошњачката заедница е босанскиот јазик, поради што невладините организации побараа поддршка од АОПЗ во нивните напори за исправање на погрешниот термин „бошњачки јазик“.

 

АОПЗ во наредниот период ќе одржи состаноци и со невладините организации на Турците, Власите, Ромите, Србите и останатите заедници кои се под 20%, а со цел  подобра координација, мапирање на проблемите на заедниците и припрема за организирање на голем заеднички форум.

                                                                                                                                                                                                                                 Скопје

                                                                                                   23.08.2017 год.