Агенцијата за остварување на правата на заедниците организираше Панел-дискусија „Правата на помалубројните заедници во Република Северна Македонија“, по повод 10-декември – Меѓународниот ден за човекови права, која се одржа во хотел Холидеј Ин – Скопје. Настанот е дел од проектот „Зајакнување на демократијата преку остварување на правата на заедниците“, финансиран од Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија. Панел дискусијата имаше за цел зајакнување на свеста на пошироката јавност за почитување на основните права на граѓаните кои припаѓаат на помалубројните заедници во Република Северна Македонија.

 

На огромно задоволство на АОПЗ, во првиот дел од дискусијата воведни обраќања имаа г-дин Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Бујар Османи, Заменик на Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, г-дин Фрејк Јанмаат, во име на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

 

„Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет. Тоа не треба да го правиме за политички или маркетиншки цели или поради тоа што некој друг го бара од нас, туку затоа што тоа е реална потреба на нашите граѓани за нивен личен, но и за севкупен општествен развој. Ние сме мала земја и сите граѓани ја делат заедничката судбина. Доколку нашите соседи, нашите најблиски се несреќни, не можеме ниту ние да бидеме среќни.“ – Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија.

 

Заменик Претседателот на Владата, г-дин Бујар Османи зборуваше за важноста на европските интеграции за нашето мултиетничко општество, потенцирајќи ги договорите со Бугарија и Грција.

 

Во вториот панел учествуваа Ерван Фуере, вонреден соработник за истражувања во Центарот за европски политики, Брисел и поранешен амбасадор на Европската унија за Република Северна Македонија, Проф. Др. Јагода Новак, експерт за човекови права и интеграција од Р. Хрватска, Проф. Др. Алесандро Симони, професор на катедра на правни науки на Универзитето во Фиренца, Италија. Тема на вториот панел беа европските практики во однос кон малцинствата.

 

Поранешниот амбасадор Ерван Фуере потенцираше дека силата на Р. Северна Македонија е во нејзината мултиетничка природа.

 

Во третиот дел, насловен „Правата на помалубројните заедници во Република Северна Македонија, предизвици и перспективи“ учество земаа Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозоски, Претседател на Координативно тело за изготвување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, Проф. Др. Мирјана Најчевска, универзитетски професор, Мерсиха Смаиловиќ, НВО Активистка и Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман.

 

На крајот од третиот дел  свое учество во настанот зема и присутната публика, составена од повеќе министри, пратеници, претставници на невладините организации на заедниците, претставници на амбасади на наши пријателски држави, јавни личности од политичкиот живот во нашето општество.

 

Модератор во трите дела беше Џелал Хоџиќ, заменик-директор на АОПЗ, кој им се заблагодари на сите учесници и на сите присутни на овој многу важен настан за Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

 

 

Скопје

11.12.2019