Директорот и Заменик директорот на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците се сретнаа со Министерката за правда Рената Дескоска. Тие до Министерството за правда го доставија Предлог-законот за унапредување и заштита на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти од вкупното население во Македонија.

 

Главна цел на измените и дополнувањата на законот е да се подобри состојбата со имплементација на правата на заедниците, да се олесни следењето на степенот на нивното остварување и да се обезбеди надзор над реализација на овие права од страна на институциите на централно и локално ниво.

 

Директорот на АОПЗ, Илхан Рахман на состанокот истакна дека предлог-законот е подготвен од страна на инклузивна работна група формирана од страна на Агенцијата за унапредување на правата и дека наскоро и јавноста ќе може да ги достави своите коментари и предлози за подобрување, откако текстот ќе биде објавен на ЕНЕР.

 

 

Од Министерството за правда велат дека „Измените и дополнувањата на овој закон се во насока на поголемо афирмирање на концпетот „Едно општество за сите”. Секој граѓанин е важен, па во таа насока е и унапредувањето и заштитата на правата на сите немнозински заедници во Република Македонија”, и потврдија дека наскоро ќе биде објавен на Единствениот национален рагистар на прописи (ЕНЕР).

 

 

При изготвување на предлог измени и дополнувања на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) доби поддршка од страна на Европската Комисија преку инструментот ТАИЕКС, како и од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.