Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, организираше одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, во Скопје.

“Сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“- пишува во првиот член на Универзалната декларација за човекови права.

Настанот со поздравен говор го отвори Претседателот на Р. Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски.

„Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет. Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа. Клучен дел од договорот е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина“, истакна претседателот Пендаровски.

Преку видео порака се обрати и амбасадорот на ОБСЕ, г-дин Килиан Вал.

„Прифаќањето и славењето на различностите не е само морален императив; мора да се гледа како стратешки императив за просперитетот на земјата. Помалубројните заедници сочинуваат суштински дел од културата, општествениот живот и економијата на едно општество. Во духот на Меѓународниот ден на човековите права, да ја потврдиме нашата посветеност да ги заштитиме правата на сите поединци. Наша колективна одговорност е да промовираме инклузивна средина каде што сите граѓани се чувствуваат ценети, почитувани и оснажени активно да се вклучат во општествениот, економскиот и политичкиот живот на земјата“, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во име на АОПЗ на присутните им се обрати директорот, г-дин Еран Куртиш.

“Правата на заедниците во Република Северна Македонија се дел од Уставот и законите. Почнувајќи од самата држава како главен општествен чинител, институциите како и нашата агенција секојдневно се соочува со предизвици, за остварувањето, заштитата и унапредувањето на правата на помалубројните заедници кои живеаат во РСМ. Сите имаме задача и должност кон оваа проблематика.” – потенцираше во своето обраќање Еран Куртиш, директор на АОПЗ.

Во вториот дел следуваше панел дискусија “Улогата на помалкубројните заедници во развојот на Република Северна Македонија“, на која учествуваа:

– Арбана Пашоли, пратеничка и претседателка на Комитетот за односи помеѓу заедниците.

– Џабир Доко, заменик министер за политички систем и односи помеѓу заедниците.

– Роберт Алаѓозовски, национален координатор за мултикултурализам и едно општевство во Владата на РСМ.

Модератор на настанот е Џелал Хоџиќ, заменик -директор на АОПЗ.