Агенцијата за остварување на правата на заедниците и  Фондацијата Претприемачки сервис за млади на 03 Ноември 2017-та во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје , организираа форум насловен „Мерки за поттикнување на претприемништвото кај немнозинските етнички групи“. Главните заклучоци кои произлегоа од форумот се насочени кон унапредување на локалниот економски развој преку активно стимулирање на претприемништвото и зголемување на (само)вработеноста меѓу младите луѓе, со посебен фокус на припадниците на немнозинските етнички заедници.

 

Работната група составена од 35 присутни, меѓу кои претставници на сите клучни институции во процесот на унапредување и прилагодување на програмите за поддршка, ги мапираше проблемите и даде идеи за предлог-мерки, како и за насочување на придонесот од граѓанскиот сектор, со цел отпочнување на процес на градење на соодветно системско решение за проблемите со кои се соочуваме, меѓу кои високата стапка на младинска невработеност.

 

Директорот, Илхан Рахман посочи дека главната цел на форумот е да се започне процес на информирање и запознавање на младите од заедниците со претприемништвото и можностите кои се нудат,и да се започне гледање на претприемништвото низ призмата за намалување на невработеноста посебно кај младите од немнозинските заеднци.

 

Џелал Хоџиќ, заменик директорот на АОПЗ, ги пренесе согледувањата на разликите меѓу претприемачите од немнозинските етнички групи во споредба со „мејнстрим“ претприемачите. Тој изјави дека трендот кај младите луѓе, посебно од етничките заедници под 20 проценти, да се вработат во јавниот сектор е негативен момент во општеството, кој треба да се надмине преку промовирање на мерките за (само)вработување кај младите. Истите треба да се прилагодат на културните разлики, но и на различните проблеми и потреби на луѓето кои живеат во урбаните или пак руралните средини.

 

Александар Филиповски од ПСМ Фондација, изјави дека преку претставување на претприемништвото како врска меѓу етничките заедници и приспособување на мерките за самовработување кон потребите на претприемачите од различните етнички заедници, се постигнува градење на мултикултурна и одржлива демократија во земјата. За таа цел, „вклучени се различни стеихолдери, релевантни министерства, агенции и граѓански организации, како и самите млади претприемачи кои треба да дадат свој придонес, со цел мерките, проектите и идните иницијативи за нивна поддршка да бидат подобро дефинирани“.

 

За анализа на состојбата во нашата земја, свој активен придонес во креирањето на заклучоците за времетраењето на форумот, понудија претставниците на Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ, Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор, претставници на кабинетот на министерот Зоран Шапуриќ, претставници на Стопанската комора, Програмата за развој на ОН, како и на ОБСЕ во Македонија. Кон дискусијата, со локални примери и позитивни пракси се надоврзаа претставниците на граѓанските организации кои работат на полето на развој на мултиетничко младинско претприемништво.

 

Овој форум кој Фондацијата Претприемачки сервис за млади го организираше заедно со Агенцијата за остварување на правата на заедниците, е втор од серијата шест настани за размена на идеи и предлози, дискусија и вмрежување, како дел од кампањата „И јас сум претприемач“, во рамки на проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, финансиран од Европската унија.