Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа јавна расправа по Предлог-законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија. Расправата беше организирана од страна на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и во неа учествуваа пратеници, претставници на институции, невладини организации, граѓански активисти и поранешни пратеници. Во име на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) директорот Илхан Рахман говореше околу потребата за донесување на нов закон како и за целата процедура на подготвувањето на Предлог-законот. Рахман во своето излагање кажа дека Предлог-законот е резултат на работата на работната група каде членуваа претставници на сите релевантни институции и претставници на невладини организации на заедниците, со земени препораки од домашни и странски експерти. Процесот на изготвуавње на законот беше транспарентен, а во работната група учествуваа сите засегнати страни. Работата на работната група беше поддржана од ОБСЕ мисијата во Скопје и ЕУ делегација. Заменик-директор на АОПЗ, Џелал Хоџиќ на јавната расправа кажа дека со донесувањето на овој закон ќе се заокружи еден циклус на позитивни промени во АОПЗ. Хоџиќ ја потенцираше обновената соработка со ОБСЕ, активностите на 18 месечниот ЕУ проект преку кој се зајакнуваат капацитетите на АОПЗ, учеството на АОПЗ во изработката на стратегијата “Едно општество за сите“, како и политичката мотивираност на оваа Влада да ги решава проблемите на помалубројните заедници. Рахман и Хоџиќ веруваат дека со донесувањето на овој Предлог –закон се зајакнува позицијата на АОПЗ и дека ќе може да одговори на сите предизвици, со цел подобрување на правата на заедниците.

 

20.11.2019