Агенцијата за остварување на правата на заедниците е формирана со Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението на Република Македонија, донесен на 17 јули 2008 година.

 

Основна цел на Агенцијата за остварување на правата на заедниците е да овозможи поголема интеграција на припадниците на заедниците, како рамноправни граѓани на земјата, во сите сфери на општествениот живот, но со зачувување на нивните етнички и културни особености.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците врши надзор на спроведувањето на законите со кои се уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението на Република Македонија.

 

Агенцијата својата работа ја усогласува со работата на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците (орган во состав на Министерството за образование и наука) и Управа за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија(орган во состав на Министерството за култура).

Агенцијата го следи извршувањето и спроведувањето на активностите поврзани со положбата, правата, обврските и развојните можности на припадниците на заедниците.

Агенцијата соработува со невладини и други организации кои се занимаваат со правата на припадниците на заедниците, како и со општините и со свои мислења и предлози учествува во решавањето на прашањата поврзани со остварувањето на правата на припадниците на заедниците.

Правата кои ги регулира Агенцијата за остварување на правата на заедниците се право на образование на мајчин јазик, право на заштита на културниот идентитет, право на формирање на здруженија, право на вработување итн.

Сите народи имаат историска судбина да живеат поделени во повеќе држави.Тоа упатува и на реалната потреба да се разбере вистинската вредност на човековите и во таа смисла и на малцинските права.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците официјално започна со работа на 25.11.2009 година.