АГЕНЦИЈА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ
НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Работна посета на Агенцијата за остварување на правата на заедниците на Општина Демир Капија

Денеска, Директорот на Агенција за oстварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ заедно со представници на Агенцијата, оствари работна посета на Општина Демир Капија, каде што се сретна со градоначалничката г-ѓа Наталија Димитриева.
Средбата помина во конструктивна и срдечна атмосфера, при што се разговараше за состојбата, потребите и предизвиците со кои се соочуваат припадниците на помалубројните заедници. Градоначалничката не запозна и со актуелните општински проекти, како и со планираните активности за наредниот период.
Во рамките на посетата организиравме состанок со претставници на заедниците кои се застапени со помалку од 20% од населението во Општина Демир Капија. На средбата се разговараше за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат припадниците на овие заедници, при што посебно внимание беше посветено на прашањата поврзани со меѓусебното разбирање, соживотот и унапредувањето на односите меѓу заедниците на локално ниво.
Теренските посети и непосредниот дијалог со граѓаните се од особено значење за работата на АОПЗ. Само преку директна комуникација и соработка со локалната самоуправа и претставниците на заедниците можеме изворно да ги согледаме нивните потреби и да придонесеме кон изнаоѓање конкретни решенија.
Како Агенција, остануваме посветени на унапредувањето на правата на помалубројните заедници, јакнењето на меѓусебната доверба и градењето општество во кое различностите се почитуваат, а секој граѓанин има еднакви можности за активно учество во општествениот живот.
Продолжуваме со теренските активности и соработката со општините, во насока на подобрување на состојбата на помалубројните заедници и градење поинклузивно општество.