АГЕНЦИЈА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ
НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

АОПЗ ја организираше првата тркалезна маса за унапредување на мултикултурализмот и еднаквите можности во образованието

Денеска, во Клубот на пратеници, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, во соработка со Советот на Европа, за првпат организираше тркалезна маса на тема: „Проценка на потребите и развојните приоритети на училиштата како основа за унапредување на мултикултурализмот и еднаквите можности во образованието“.

Во изминатиот период, Агенцијата спроведе сеопфатно истражување за образованието на мајчин јазик преку анкетен прашалник за проценка на потребите и развојните приоритети на училиштата. Целта на истражувањето беше да се идентификуваат актуелните состојби, предизвици и добри практики, како и да се предложат конкретни мерки за понатамошно унапредување на воспитно-образовниот процес, со посебен акцент на зајакнување на меѓуетничката интеграција и обезбедување еднакви можности за сите ученици.

На настанот свои обраќања имаа:
• Далибор Китановиќ – директор на АОПЗ;
• д-р Марија Андреева од Советот на Европа;
• м-р Ана Михајлов – директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност;
• Мирослав Тричковиќ – директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците;
• д-р Жанета Чонтева од Бирото за развој на образованието;
• како и м-р Ирена Оровчанец, раководител во АОПЗ, која ги презентираше наодите од спроведеното истражување.

Особено значајно беше присуството на 35 директори на основни училишта од 26 различни општини во кои се реализира настава на јазиците на заедниците, како редовна настава или изборен предмет. Нивното активно учество претставува важен придонес во процесот на унапредување на образованието и меѓуетничката соработка.

Дополнителна вредност на настанот дадоа и претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва. Претставничките од Амбасадата на Јапонија, г-ѓа Сара Мустаф и г-ѓа Накамура Ситоло, како и претставничката од Француската амбасада, г-ѓа Љупка Димова, ги презентираа можностите за финансиска поддршка и програмите наменети за училиштата. Свое излагање имаше и г-ѓа Драгица Апостоловска од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Овој настан претставува значаен чекор во заложбите за градење инклузивно и квалитетно образование достапно за секое дете, без разлика на јазикот или заедницата на која припаѓа.

Веруваме дека преку отворен дијалог, партнерство и размена на искуства можеме да изградиме посилен образовен систем и да придонесеме кон поголема меѓуетничка кохезија и општествена еднаквост.

Им благодариме на сите учесници за нивниот придонес, поддршка и посветеност.