АГЕНЦИЈА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ
НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Директорот на АОПЗ учествуваше на дискусија посветена на ромската заедница и европската интеграција

Денеска директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, г-дин Далибор Китановиќ, во свечената сала на Владата на Република Северна Македонија учествуваше на дискусија посветена на прашања од значење за ромската заедница и процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.

Настанот беше организиран од Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје и Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

На дискусијата присуствуваа амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз, како и министерот г-дин Шабан Салиу, при што беа разменети мислења и искуства во однос на унапредувањето на правата, инклузијата и можностите за поголемо учество на ромската заедница во општествените процеси.

Во рамки на дискусијата беше ставен акцент на значењето на меѓуинституционалната соработка, примената на европските практики и креирањето политики насочени кон еднакви можности, недискриминација и подобар квалитет на живот за припадниците на ромската заедница.

Преку вакви иницијативи, Агенцијата за остварување на правата на заедниците продолжува активно да придонесува кон градење поинклузивно општество и зајакнување на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија.