АГЕНЦИЈА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ
НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Започна процесот за изработка на Стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032

Деновиве, Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Министерството за односи меѓу заедниците, со поддршка на, официјално го започнаа процесот за изработка на Стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032, заедно со акциски план.

Изработката на новата Стратегија се реализира согласно заклучокот донесен на 129. седница на Владата на Република Северна Македонија, со кој Министерството за односи меѓу заедниците и АОПЗ се задолжени за подготовка на овој значаен стратешки документ, од особено значење за унапредување на меѓуетничките односи, интеркултурниот дијалог и општествената кохезија во државата.

Процесот произлегува од препораките на Партиципативниот форум на АОПЗ, доставени до Владата на Република Северна Македонија во ноември минатата година.

Изработката на Стратегијата ќе се реализира во две фази. Во рамки на првата фаза, Министерството за односи меѓу заедниците и АОПЗ ќе формираат меѓуинституционални кластерски работни групи, кои ќе подготват извештај за степенот на реализација на актуелната Стратегија (2024–2026), врз основа на пет клучни области: институции, образование, медиуми, општествена кохезија и интеркултурни политики.

Паралелно со овој процес ќе се спроведе и проценка на потребите и перцепциите на граѓаните во однос на меѓуетничките односи, преку прашалници, фокус групи и интервјуа, за што ќе биде ангажиран домашен експерт.

Активностите од првата фаза се очекува да завршат до крајот на септември 2026 година, по што ќе следи подготовка на финалниот текст на Стратегијата и акцискиот план.

Преку овој процес, АОПЗ и Министерството за односи меѓу заедниците уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон градење општество засновано на еднаквост, меѓусебна почит, дијалог и активно учество на сите заедници во општествениот живот.