Во просториите на Агенцијата за остварување на правата на заедниците се одржа работна средба помеѓу директорот на Агенцијата, г-дин Далибор Китановиќ, и претставници на Влашката заедница во Република Северна Македонија, предводени од претседателот на Партијата на Власите, г-дин Стеријо Папули.
Во конструктивна и пријателска атмосфера се разговараше за актуелната состојба на Влашката заедница, предизвиците со кои се соочува, како и можностите за понатамошно унапредување на нејзината положба и афирмација во општеството.
Претставниците на заедницата ја истакнаа благодарноста за отвореноста и достапноста на Агенцијата, како и за заложбите што ги презема во насока на заштита и унапредување на правата на сите заедници во државата, вклучително и на Влашката заедница.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката преку реализација на заеднички проекти и активности во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на образованието, зачувувањето на културниот идентитет и заштитата на културното наследство на Власите.
Агенцијата за остварување на правата на заедниците останува посветен партнер во градењето на општество засновано на еднаквост, меѓусебна почит и афирмација на културната разновидност како наша заедничка вредност.



