На покана на пратеникот во Европскиот парламент, г-дин Валтер Флего, заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Џелал Хоџиќ беше во работна посета  во Брисел, на 15 и 16 ноември.

Во делегацијата од Северна Македонија, покрај заменик-директорот на АОПЗ, беше присутен и професорот на правниот факултет при УКИМ, г-дин Владо Бучковски, како и членовите на Заедницата на Хрвати во Р. Северна Македонија, Ненад Живковиќ и Жарко Камчев.

Заменик-директорот Хоџиќ имаше работни состаноци со европратениците Валтер Флего, Карло Реслер, Тонино Пицула, како и со Клемен Грошељ, од Р.Словенија и Илхан Ќучук, од Р.Бугарија, и Томислав Сокол, од Р.Хрватска.

На средбите заменик-директорот Хоџиќ  ги инфомираше европратениците за работата на АОПЗ, идните планови и даде осврт на состојбата со помалкубројните заедници во РСМ. Како една од главните теми беше секако и иницијативата за промена на Уставот на РСМ во делот на дополнување и наведување на помалкубројните заедници. Да станат дел од преамбулата во нашиот Устав на РСМ, очекуват заедниците на Хрватите, Бугарите, Египќаните, Торбешите, Црногорците и Евреите во нашата држава.

Хоџиќ побара поддршка од европратениците за помалкубројните заедници и нивните проектни активности во Северна Македонија и на Западен Балкан. Побарана е поддршка за убрзан пат на Северна Македонија во ЕУ. На европратениците им укажано дека успешниот македонски модел може да послужи за пример во надминување на предизвиците и на другите држави од Западен Балкан на патот кон европските и евро-атланските интеграции.

Меѓу останатото Хоџиќ наведе:

 „Интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е од огромно значење за помалкубројните заедници. Тие се секогаш заинтересирани за повеќе демократија, слобода и европски вредности”

Европратениците се заблагодарија на посетата и размената на инфомрации. Од сите држави во Западен Балкан, Северна Македонија има најдобар извештај за напредокот кон ЕУ. Истакнаа дека ги поддржуваат аспирациите на Република Северна Македонија кон ЕУ како и очекувањето Северна Македонија да продолжи на патот кон ЕУ.